По повод „7 Септември“ денот на ослободувањето на Кочани, денеска во Мултикултурниот центар се одржа Свечената седница на Советот на Општина Кочани.
На свечената седница градоначалникот Љупчо Папазов во своето обраќање ги истакна постигнувањата на Општината во изминатиот период и беа доделени највисоките општински награди.
Наградата за животно дело, според одлуката на одборот за доделување награди на Општина Кочани му е доделена на Јордан Георгиев, чии достигнувања и реалаизирани проекти за афирмација на спортот се големи.
Образложение на одлуката за доделување на наградата даде претседателката на Општинскиот одбор, Кристина Атанасова Арсова.
-Достигнувањата и резултатите на Георгиев во спортот се големи, а неговите почетоци во борењето се уште од 1960 година. Наредната година бил младински шампион на Југославија, а помеѓу нив се издвојуваат и златниот и бронзен медала од учеството во припремите на Југославија на Олимписките игри во Токио. Во 1966 бил државен шампион на Југославија во категоријата сениори, исто така бил и тренер на БК „Спартак“, меѓународен судија во борење, прв од Кочани, а десетти во Македонија, истакна Арсова.
Наградата на Општина Кочани за значајни остварувања за развојот на Општина Кочани ја доби Литературниот клуб „Копнеж“ при ЈОУ Библиотека „Иксра“, којшто оваа година одбележува 60 години од неговото активно и културно делување и преставува еден од столбовите на културното работење, негување и афирмирање на општината.