Јорданов ги посети најстарите жители во општината, браќата Наскови заедно имаат 206 години

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, денеска традиционално на првиот ден во новата година ги посети најстарите жители, браќата Наскови, кои заедно имаат 206 години.

-Прекрасно е чувството кога ќе се поразговара со семејствата на нашите највозрасни жители, а кои ни прераскажуваат за најстарите и највозрасните штипјани кои поминале многу предизвици, вели Јорданов.

Ристо Насков во февруари ќе наполни 101 година, се уште се движи низ дворот и градината, но со помош на бастун. Неговиот син Димче Насков вели дека дедо Ристо и оваа година крои планови да копа и произведува домати и пипер во градината.

Неговиот постар брат Симеон не е активен, откако пред две години паднал додека копал во градината. Грижата за него ја има неговиот 72-годишен син Крум Насков, кој секојдневно го посетува, му носи храна и се грижи за него.

-Татко ми може да стане и да си земе од масата јадење и повторно да седне на креветот, меѓутоа нозете не го држат и повеќе е во лежечка состојба. Веќе не може да работи, вели Насков.

Овие двајца браќа сведоци биле на војни, но и на убави работи кои се случувале во државата и во нивните семејства.

Горди се на своите наследници и веќе имаат и пра-пра внуци.

Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов денеска ја посети и првата приватна гинеколошка болница во Штип, каде во новата година се роди живо и здраво женско бебе.