Јорданов: Обвинителството да не замижува пред профитерството на штета на здравјето на граѓаните

Додека министерот Љупчо Николовски Путерот им ги брои чашите со вода на министрите и кафињата што и беше негова изјава како дел од заложбата за борба против корупцијата, истите министри склучиле договори во четири очи во вредност од 11 милиони евра, изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Иван Јорданов.

Во продолжение интегрален текст од изјавата на пратеникот Јорданов:

Го дотераа народот на просјачки стап, за да можат да си прават договори во 4 очи.

Додека министерот Љупчо Николовски Путерот им ги брои чашите со вода на министрите и кафињата што и беше негова изјава како дел од заложбата за борба против корупцијата, истите министри склучиле договори во четири очи во вредност од 11 милиони евра.

Во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, утврдено е дека во првото полугодие од 2020 година, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас се склучени договори во вредност од 11 милиони евра, што е за 14,58 % повеќе од истиот период претходната година.

Податоците говорат за раст на бројот на договори за 161 %, и тоа од 178 склучени договор во првото полугодие од 2019 година на 464 склучени договори во 2020 година.

Од вкупниот број на договори само 198 договори, во вредност од 2.4 милиони евра се поради коронакризата. Другите договори се за средства кои не се приоритет во пандемија. Па оттука се поставува прашањето зошто и каде се дадени над 9.5 милиони евра, преку преговарање во четири очи?!

Не се само провизиите за вакцини, туку во прашање се и милионските договори во 4 очи.

Рекордер за договори во 4 очи е рекордерот за провизии Венко Филипче.

Доколку ја погледнеме листата ќе видиме дека први се Клиниката за трауматологија, Министерството за здравство, Здравствениот дом Скопје.

Здравството трошело најмногу пари! Венко се слушаме ли?!

На што биле трошени пари во здравството, а во исто време не ги исполнуваме критериумите за помош од ЕУ?! Дали наместо во борба против пандемијата, се распишувале тендери за се и сешто, само не за средства кои се потребни во борбата против КОВИД 19?!

Срамно е додека Филипче и другите од владата склучуваат договори во четири очи немаме вакцини, народот нема за маски и дезинфициенси, а за тестирање се чека и по неколку дена, за кога болен ќе отиде во болница, човек да се соочи со преполни болници и недостаток на средства.

На што се трошени овие 11 милиони евра додека народот умира, и дали и кој ќе сноси одговорност?!

Обвинителството е на потег, и да не спие додека се краде народниот буџет. Корона профитери, додека народот умира од корона, владата се убива од крадење, 11 милиони евра за пола година за договори во 4 очи. Секој денар ќе биде проверен по смената на власта, истакна Јорданов.