Потребен е искрен пристап во помагањето на своите сограѓани, во решавањето на проблемите секојдневни на своите сограѓани, во креирањето на проекти кои што сме ги зацртале во нашата изборна програма. И мислам дека тоа и за мене и за сите други кандидати за градоначалници треба да биде една водилка во трасираниот пат по кој што треба да чекориме во наредниот период, истакна Иван Јорданов, кандидат за градоначалник на општина Штип во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.
Јорданов додаде дека граѓаните се изнаслушаа најразлични ветувања, најразлични проекти кои не се остварија од страна на власта.
„Токму за тоа граѓаните по сите овие скандали, неправди кои што се случија во изминатиов период и на централно и на локално ниво, оправдано и објективно се разочарани и се загрижени за својата иднина. Ние имаме сега два избори, едниот е да се дистанцираме од делувањето на нашата општина, а вториот избор е да се бориме и да промениме нешто кое што сите гледаме на очиглед на цела македонска јавност не е добро. Јас се одлучив на овие години да се борам и за тоа ги повикувам сите млади луѓе, сите повозрасни луѓе, сите луѓе кои што сакаат да се случат промени да се вклучат заеднички да се избориме, за тоа што друга држава и друга општина немаме. Ако сакаме ние и нашите деца да продолжиме да живееме овде ние мора да се бориме“, нагласи Јорданов.
Јорданов посочи дека неправди имало, неправди и ќе има, но граѓаните не смеат да се предаваат и да молчат на криминалите на власта.
„Јас не сакам да ветувам брда и долини, туку сакам да ветам еден чесен и транспарентен, искрен пристап, за да граѓаните го препознаат тоа и да ја препознаат намерата дека ние мора, мораме и можеме да ја промениме моменталната состојба во општините, во државата, за тоа што повторно ќе кажам друга држава немаме“, појасни Јорданов.