Јорданов: Создаваме нова иднина – Повеќе од 20 паркови во секоја населба во Штип и голем градски парк во шумата кон Мирјанина црква, каде ќе ја отстраниме и дивата депонија

Нашите приоритети се Штип да биде зелен, убав и урбан град со многу паркови и зелени површини, ова денеска преку прес-конференција го истакна кандидатот за градоначалник на Штип, Иван Јорданов.

-Затоа во нашата програма предвидуваме Шумата кон Мирјанина црква, позната по огромните диви депонии и сечата на дрвја, уште во првите 2 години од мојот мандат, да ја претвориме во огромен парк за спортување, рекреација и одмор. Овој градски парк ќе изобилува со урбана опрема и други содржини, а истиот ќе го чува месното население, при што ќе ја ликвидираме сечата на дрвја, а ќе ја подобриме економската и еколошката состојба во овој дел од градот. Во населбата Баби, ќе ги подобриме условите во постоечкиот парк и ќе ги унапредиме детското и спортско игралиште со дополнителни содржини. Покрај бањата Кежовица, просторот ќе го искористиме за создавање на парк за одмор и рекреација и тоа место ќе го претвориме во убава, зелена површина, атрактивна за жителите и посетителите на бањата, вели Јорданов.

Тој додава дека но, овде нема да застанеме!

-Во секоја населба во нашиот град, ќе направиме повеќе од 20 паркови и зелени површини, во кои граѓаните ќе имаат можност да се рекреираат, да одмараат и да го поминат своето слободно време, а Општина Штип, заедно со граѓаните интензивно ќе работи и на збогатување на бројот на локалните шуми. Затоа новата иднина пред видува ваков Штип, истакнува Јорданов.