Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик, соопштија од обвинителство.
Обвинетата, во својство на организациски директор на Јавна здравствена установа – Универзитетска клиника за токсикологија, ги пречекорила своите службени овластувања со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица. Постапувајќи спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи. На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од 659.781 денар, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист, истакнуваат од Јавното обвинителство.
Уште во јули годинава МВР поднесе кривична пријава против поранешната организациска директорка на Клиниката за Токсикологија, Бесија Иљази за „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавата се однесува за склучување договори за работи за повеќемината „спорни“ вработени во периодот на предизборието како и за тоа што им исплатила плата.
– Пријавената Б.И. во својство на в.д. организациски директор на Јавна здравствена установа – Универзитетска клиника за токсикологија, пречекорувајќи ги своите службени овластувања во период од 14.02.2024 до 24.06.2024, а со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица, на 15.05.2024 склучила 15 договори за дело со 15 лица кои биле работно ангажирани на Универзитетската клиника за токсикологија (и други лица без регулиран правен основ за нивно присуство на клиниката), по што, ретроактивно, за лицата наводно работно ангажирани, за месеците април и мај 2024 година издала два платни налози и извршила исплата на месечен надомест на ден 31.05.2025 и 14.06.2024 за наводниот работен ангажман во вкупен износ од 659.781 денари со вклучен персонален данок на доход, соопштија тогаш од МВР.
Од МВР тогаш објавија дека, пријавената извршила службени дејствија кои што не смеела да ги изврши, односно Б.И. сторила кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ по чл.353 ст.3 вв.1 од КЗ, оштетувајќи ја Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за токсикологија за износ 659.781 денари.