Ѓоргијев: Цените на становите ќе имаат благ пад

Директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев денеска информира дека цените на становите во наредниот период ќе имаат благ пад.

– Според она како што се движи сега, има некое намалување на градежните материјали и во секој случај цените ќе одат надолу. Ние сме државна фирма кои сме и регулатор на цената и затоа за брзо време ќе почне градба во старата воена пекара. Мислам дека цените ќе одат во некој благ пад, рече Ѓоргијев, кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и со заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи денеска извршија увид во градежните работи за изградба на социјална зграда во Општина Бутел.

Ѓоргијев рече дека во моментот нема информации колку ќе изнесува цената на становите за квадратен метар, објаснувајќи ја процедурата за утврдување на цената.

– Во овој момент немаме информации колку ќе изнесува цената на становите за квадратен метар. Знаете дека кај нас се утврдуваат од Бирото за судски вештачења, па одат во Влада, па потоа одат на јавен оглас каде што можат да се наддаваат за цената, рече Ѓоргијев.

Одговарајќи на новинарско прашање министерот за транспорт и врски Благој Бочварски информира дека во тек е постапката за распишување тендер за избор на изведувач кој ќе ја гради социјалната зграда во Општина Сарај.

– Во постапка е распишување тендер за избор на изведувач, кој што ќе ја работи изградбата на социјалната станбена зграда во Сарај. Една од општините во која што во наредниот период ќе се реализира ваков објект е Општина Сарај, рече Бочварски.