Ѓоргиев: Aпсолутно e неприфатливо дефинирање на Гоце Делчев од страна на владите

Апсолутно неприфатливо е политиката да ги решава историските спорови или историчарите да  ги решаат политичките спорови. Самокритичноста е основниот елемент кој ќе може да не придвижи напред, а не идејата дека ние ја поседуваме историската вистина за што било, и другата страна мора да ја прифати таа вистина. Тоа е патот кој не води никаде, рече Драги Ѓоргиев, копретседател на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.

-Отсекогаш имало политизирање на историјата или историцизирање на политиката на Балканот и тоа е еден од големите недостатоци на нашите историографии, па дури и во учебниците по историја отсекогаш определени личности и настани од минатото се митологизираат. Се прават митови од нив кои потоа се злоупотребуваат политички. Нашата цел како Комисија е токму тоа – да се избегне злоупотребата на историјата во политички цели, бидејќи на Балканот отсекогаш се правело тоа. Нашата цел е во правењето на препораки за подобрување на учебниците да се дадат препораки кои ќе ги апсолутно сведат на нула политизирањето на одредени личности, митологиозирањето, кои потоа се користат во дневно-политички цели, истакна Ѓоргиев во гостувањето на емисијата „Само вистина“ на Канал 5 ТВ.

Според него, апсолутно неприфатливо е дефинирање на Гоце Делчев од страна на владите.

-Тие можат да дават изјави, владите можат и да усвојат заклучоци за Гоце Делчев, за цар Самоил, меѓутоа тоа ќе создаде поголем проблем, отколку што ќе го реши проблемот. Работата е да создадат услови, текстови кои ќе им дадат на политичарите можност да тие личности и настани ги употребат за  поврзување на двата народи, македонскиот и бугарскиот. Апсолутно би било небулозно политичари било во Бугарија било овде, да донесат одредена одлука за Гоце Делчев, за цар Самоил, за кој било настан од историјата. Тоа ќе биде преседан кој уште повеќе ќе ја влоши ситуацијата, смета историчарот Ѓорѓиев.

Запрашан дали ќе помогне ако Собранието, по примерот на бугарскиот Парламент, донесе декларација со која ќе ги дефинира нашите црвени линии, тој оценува дека промената во работата на членовите на Комисијата се случи тогаш кога бугарското општество усвои одредени документи и тоа не само во политиката туку и од некои научни институции. Мешањето на политиката врз работата на комисијата директно или индиректно, додаде тој, е погубно за нејзината работа.

Во контекст на деблокирање на евроинтеграциите, Ѓорѓиев нагласи дека македонскиот тим историчари немале никаков притисок, сугестија од претседателот на државата, премиерот или министерот за надворешни – поранешниот и сегашниот. Македонската политичка елита, вели, беше многу покоректна во однос на одредени политичари од Бугарија чии изјави доведоа до тензија во работата на Комисијата. Немале контакти, додаде, ниту со опозицијата.

-Со ниту една опозициска партија досега не сме имале контакти и тоа е добро. Ќе повтрорам контактите и со актуелната власт се минимални, апсолутно и немаме никакво мешање од нивна страна во работата на Комисјата, Ако двете држави сметаат дека таа комисија треба да постигне резултати, работата на таа комисија и комисијата треба да бидат тргнати од преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Тоа е билатерален спор меѓу Бугарија и Македонија, историографски спор и тоа треба да биде оставено настрана од преговорите. само на тој начин ќе се постигне некаков резултат. Се додека таа спојка меѓу политичките барања  да се врзуваат со некои историски отстапки или прилагодувања нема да дојде до резултат, рече копретседавачот на Комисијата за историски прашања и подвлече дека се неосновани обвинувањата за успорување на работата на комисијата од македонска страна.

Според него, оваа комисија придонесе да се отворат теми меѓу Македонија и Бугарија кои никогаш не беа отворени, кои секогаш беа ставани под тепих, не беа дискутирани, а седум децении ги оптоваруваат односите меѓу двата народи и двете држави.

-Оваа комисија го овозможи тоа отвопрено да се разговара за некои прашања, пред се историографски и тоа е најголемиот успех на оваа комисија. Колку двете општества – македонското и бугарското, ќе успеат да се изборат со тоа да ги надминат овие недоразбирања зависи од нив самите, од мудроста и од разумот и на политичката елита, меѓутоа и на интелектуалните елити во двете држави, не само на историчарите. Самокритичноста и кај нив и кај нас недостасува посебно, во историографскиот поглед. Мора да сфатиме дека ниту ние ја имаме целата вистина кај нас, ниту бугарската страна ја има. Затоа самокритичноста е основниот елемент кој ќе може да не придвижи напред, а не идејата дека ние ја поседуваме историската вистина за што било, и другата страна мора да ја прифати таа вистина. Тоа е патот кој не води никаде, додаде копретседателот на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев