Барањата на официјална Софија се апсолутно неприфатливи за нас, но решение мора да најдеме преку дијалог, вели претседателот на македонскиот дел од заедничката историска комисија.
Во разговор за бугарската ТВ Европа, професорот Ѓоргиев открива дека главна пречка во работата на историчарите е терминот “заедничка историјa”, односно неговото толкување.
Подвлекува дека македонската јавност е разочарана и бесна поради потегот на Бугарија. Блокадата донесе свои последици, вели Ѓоргиев и ќе направи проблем во работата на Комсијата.
„Несомнено тој притисок од јавноста се пренесува и врз членовите на Комисијата. Се разбира, политички досега не сме имале никаква форма на притисок од ниеден фактор. Меѓутоа притисокот од јавноста е навистина голем. Постои силен притисок да се прекине работата на Комисијата бидејќи барањата на Бугарија се апсолутно неприфатливи за македонскиот народ и Македонија”
Работата на историската комисија продолжува на 3-ти и на 4-ти декември, а поради пандемијата состанокот ќе биде онлајн. Професорот Кајчев кој е дел од бугарскиот тим историчари се согласува дека ветото внесе нови моменти во односите меѓу двете земји.
„Ние сме орган кој е формиран по еден Договор и не можам да замислам дека која било идна влада во Скопје ќе се откаже толку лесно од него. Напротив, она што е на дневен ред е негово надградување, со анекс или декларација или пак нов договор. Но тоа е работа на политичарите”
Западно видување на јазичниот проблем меѓу двете земји во истата емисија сподели и норвешки професор, кој вели дека не може да го разбере спорот меѓу Македонија и Бугарија.
„Како да ви кажам. Тој е малку егзотичен. Во Скандинавија имаме јазици кои се многу блиски и нема проблем што сме во различни држави. Тоа е нешто политичко, тоа не е нешто суштествено”
Професорот кој предава политички науки на солунскиот универзитет со став дека ветото ќе ги разбуди националистичките струи во регионот.