
Оригиналната корица на стрип албумот „Астерикс и Клеопатра“ беше понудена на наддавање во неделата, но не најде купувач по жалбата што минатиот месец ја поднесе ќерката на познатиот француски стрип илустратор и сценарист Алберт Удезо.
Познатиот гваш, на кој се претставени египетската владетелка Клеопатра и двајцата галски херои Астерикс и Обеликс, беше понуден на аукција од бриселската аукциска куќа Millon. Цртежот со димензии 32×17 сантиметри се очекуваше на наддавањето да достигне цена од 400.000 до 500.000 евра, но немаше понуди по почетната цена, па остана непродаден.
Директорот на аукциската куќа Millon, Арно де Парц, изјави за AFP дека потенцијалните купувачи веројатно биле обесхрабрени од жалбата поднесена минатата седмица од ќерката на покојниот француски илустратор Албер Удерзо.
Силви Удерзо тврди дека нејзиниот татко, во случај некому да го даде своето уметничко дело, ќе го ставел својот потпис и ќе напишел посвета на купувачот, поради што мисли дека е украдено.
Аукциската куќа Millon тврди дека делото го продава во име на син на човек кој го добил на подарок пред повеќе од 50 години од самиот Удерзо, ко-креаторот на илустрираната серија стрипови за галискиот херој Астерикс и неговиот пријател Обеликс.
Неговата ќерка поднесе жалба до белгиското државно правобранителство на 27-ми ноември, но според документот во кој увид имала агенцијата АFP, не биле пронајдени основи за сомневање за сторено кривично дело и процесот бил завршен во петокот.
Адвокатот на Силви Удерзо, Орли Резлан, предупреди дека секој купувач на оригиналниот гваш на Удерзо може да биде кривично гонет за поседување украдена стока, што аукциската куќа одлучно го отфрла.
„Додека сѐ уште беше жив, татко ми Албер Удерзо јавно кажа дека ќе се спротивстави на продажбата на кое и да е негово дело што нема негова посвета“, изјави ќерката на Удерзо минатата седмица.
Сепак, од Millon ги оспоруваат информациите и тврдат дека бројни други непотпишани дела на Удерзо претходно биле понудени на јавни аукции. Во прилог на ова тврдење, аукциската куќа прикачи фотографија на која се гледа како маж, претставен како купувач на илустрацијата, руча со брачната двојка Удерзо во градината на еден хотел во Нормандија кон крајот на шеесеттите.
„Ја прикачивме фотографијата за да ѝ покажеме на Силвија Удерзо дека таткото на понудувачот на спорната слика добро го познава нејзиниот татко“, објасни Арно де Парц.
Во последниве години, уметничките дела од оригиналните изданија на француски и белгиски стрипови, како што се Астерикс или Тинтин, сè повеќе привлекуваат богати колекционери и инвеститори.
Оригиналната корица на стрипот „Тинтин во Америка“ на белгискиот илустратор Жорж Проспер Реми кој се потпишуваше со псевдонимот „Ерже“ од 1942 година беше продадена во Париз во февруари годинава за 2,16 милиони евра.