Оригиналниот аниматроник од филмот „E.T.“ продаден за 2,6 милиони долари

Оригиналниот аниматроник кој го глумеше вонземјанинот Е.Т. во филмот „E.T. the Extra-Terrestrial“ на Стивен Спилберг од 1982 година е продаден на наддавањето за рекордните 2,6 милиони долари, објавија организаторите кои првично очекуваа сума од три милиона долари.

Е.Т. беше водечкиот предмет на дводневното наддавање одржано изминатиот викенд на Беверли Хилс во организација на аукциската куќа Julien’s Auctions и компанијата Turner Classic Movies (TCM).

На аукцијата беа понудени 1.300 други предмети и реквизити од славните филмови како волшебната метла за метлобојот од филмовите за Хари Потер продадена за 128.000 долари, светлосните мечеви од франшизата „Star Wars“, стапот со кој Чарлстон Хетон го раздвои Црвеното Море во филмот „Десетте заповеди“ продаден за 448.000 долари, боксерските ракавици на Роберт Де Ниро од „Разјарениот бик“ или чеканот од филмот „Тор“, како и макетата на „Alien“ продадена за 125.000 долари.

Симпатичниот вонземјанин Е.Т, е еден од најславните ликови во поп-културата научната фантастика, остварувајќи колосален успех.

Моделот има 85 механички зглобови и на него речиси сѐ се движи, од очите и вратот и секако оној долг шилест прст со кој својот нов пријател Елиот го извести дека сака да „телефонира дома“. Со него управувале 12 професионални аниматори. Се смета за инженерско ремек-дело, а изворно го создаде италијанскиот дизајнер за специјални ефекти Карло Римбалди.