Оригиналниот промерок од Дејтонскиот договор кој со години се сметаше за исчезнат а е пронајден во текот на полициска операција на Пале над Сараево во вторникот бил понуден на продажба на црниот пазар, а препродавачот на овој важен документ барал 100.000 конвертабилни марки или 50.000 евра, објави во средата полицијата на ентитетот Република Српска.
Четириесети и осумгодишниот Жељко Кунтош од Пале, кај кого е пронајден оригиналниот примерок од историскиот договор со кој во 1995 година беше запрена три и пол-годишната крвава војна во Босна и Херцеговина, уапсен е откако полицијата добила дојава дека тој документ планира да го препродаде, па на основа на судски налог го уапсиле а во текот на претресот на куќата во којашто живеел откриле и примерок од договорот на кој се оригиналните потписи на поренешните претседатели на Хрватска и тогашната СР Југославија, Фрањо Туѓман односно Слободан Милошевиќ, како и на поранешниот претседател на Претседателството на БиХ, Алија Изетбеговиќ.
Истрагата за целиот случај ја презема Обвинителството на Република Српска, коешто допрва треба да утврди како точно Кунтош успеал да го набави оригиналниот примерок од Дејтонскиот договор и кому тој воопшто му припаѓа.
Кунтош во меѓувреме во средата по распитот во Републичкото обвинителство во Бања Лука е пуштен да се брани од слобода, пишува весникот Независне.
По апсењето се појавија различни нагаѓања, бидејќи не е јасно дали станува збор за примерок наменет за властите на БиХ или, пак, на Србија, имајќи предвид дека ниту во архивите во Сараево, ниту во архивот во Белград, таков документ не постои.
Својот примерок на сигурно го чува само Хрватска, додека во случајот на БиХ тој не стасал до ниту една државна институција, а во Србија претпоставуваат дека нивниот примерок „исчезнал“ во 2000 година во текот на соборувањето на Слободан Милошевиќ.
Крешимир Зубак, поранешен член на Претседателството на БиХ и учесник на мировните преговори во Дејтон вели дека е зачуден што исчезнатиот примерок воопшто е најден на Пале. „Поголема е веројатноста дека тоа не е нашиот (на Сараево) Дејтонски договор“, вели Зубак за дневниот весник Dnevni avaz.
Миро Лазовиќ, претседател на Собранието на БиХ до 1996 година и уште еден од живите учесници на мировните преговори од 1995 година, исто така, смета дека веројатно е оти на Пале е пронајден примерокот од договорот наменет за Србија.
Таквиот заклучок го изведува од фактот што Кунтош бил возач на Драган Калиниќ, поранешен претседател на парламентот на Република Српска. Покрај тоа, Кунтош престојувал и во Париз кога во декември истата година беше објавено формалното потпишување на документот за договореното во Дејтон, а таму присуствувал како телохранител на Алекса Буха кој тогаш беше на позицијата министер за надворешни работи на српскиот ентитет во БиХ. Некои медиуми наведуваат дека Кунтош уште е припадник на министерството за внатрешни работи на Република Српска.
Освен за БиХ, Србија и Хрватска, по еден примерок од Дејтонскиот договор е составен и за владите на САД, Германија, Франција, Велика Британија и Русија чиишто челници тогаш беа сведоци на потпишувањето на документот.
Оригиналот на англиски јазик во случајот на БиХ, пак, има посебна тежина, бидејќи во договорот е јасно истакнато дека во случај на какви и да се спорови околу содржината и нејзиното толкување предност над формулациите над босанскиот, српскиот или хрватскиот ќе има токму примерокот на англиски јазик.
Кога во 2008 година во Сараево се покажа дека не знаат каде им е оригиналниот примерок од Дејтонскиот дооговор чиј еден од анексите е и уставот на оваа држава, беа принудени да бараат од Франција фотокопија од нејзиниот примерок.