Оризопроизводителите на протестот во Облешево побараа помош од државата

Со трактори и приклучна земјоделска механизација денеска оризопроизводителите го блокираа патниот правец Штип- Кочани, кај село Облешево. Револтирани се затоа што се уште не им се исплатени субвенциите за минатата година, откупната цена е на рекордно ниско ниво од 15 до 20 денари за килограм арпа, а не се опфатени ниту со една од петте мерки на Владата за полесно пребродување на ковид пандемијата.

Бараме исплата на редовните субвенции кои не следуваат по Закон, да почнат да се исплаќаат до крајот на месец февруари. Ни беше ветено дека ќе бидат исплатени до 31.12, но не се исплатени. Субвенциите за „зелена нафта“ да ни се дадат, бидејќи нафтата ни треба. Поради тоа што цената на арпата е толку ниска, бараме дополнителни субвенции од 5 денари по килограм предадена оризова арпа- изјави Драгољуб Гаврилов, иницијативен одбор за спас на оризопроизводството.

Оризарите се во незавидна состојба, во т.н „магичен круг“. Бидејќи, не им се исплатени субвенциите, не можат да ги платат услугите за користење на водата за наводнување, а неплатената сметка за водарина, значи дека нема да добијат субвенции.

Водостопанство сега прави списоци, со кои ги обврзува водокорисниците да платат „водна заедница“, а немаат од што и ги „врзуваат“ со субвенциите. Ако немаме да платиме, ќе ни стават камати, ќе не дадат на извршители и во тој случај ќе ни бидат блокирани сметките и ќе бидеме принудени да продаваме и дел од површините, од нивите- изјави Тони Максимов, Драгољуб Гаврилов, иницијативен одбор за спас на оризопроизводството

Доколку и овој пат не им бидат исполнети барањата, оризарите се заканија дека еднаш неделно ќе го блокираат регионалниот пат, но не исклучуваат и преземање на по радикални мерки.