Оризопроизводителите ќе ги бојкотираат пописот и локалните избори ако Владата не им ги исплати субвенциите

Оризопроизводителите ќе излезат на протести затоа што се чувствуват изиграни од премиерот Зоран Заев чијашто владата им ветуваше исплата на субвенции до крајот на минатата година, но сѐ уште ги немаат добиено. Покрај тоа, доколку субвенциите не се исплатат до средината на февраури тие прво со својата механизација ќе го блокираат патот Штип -Кочани, но предупредуваат и дека ќе ги бојкотираат и пописот на населението и локалните избори подоцна оваа година.

Производителите на ориз ѝ даваат на Цладата рок до 15-ти февруари за исплата на субвенциите во спротивно велат дека ќе излезат на масовни протести, но и дека ќе ги бојкотираат и пописот и локалните избори. Во меѓувреме цената на оризот паѓа и покрај очекувањата дека ќе се зголемува а оризот и натаму останува во амбарите. Откупната цена на белиот ориз е намалена за 2 денари.

Претставниците на иницијативниот одбор велат дека досега биле толерантни и кон министерството за земјоделство и Аријанит Хоџа иако имале ветување дека исплатата на субвенциите ќе биде до крајот на минатата година, сега велат ќе чекаат до 15 февруари.

„Блокадата ќе биде во поголеми размери меѓутоа доколку тргне нешто наопаку нема една лента туку ќе бидат двете ленти блокирани, а проблемите се многу поголеми, ние со министерот се договоривме до 31 декември 2020 субвенциите ни бидат исплатени,за жал од сето тоа нема ништо, втора работа тие успееа да го поделат и народот до 5 хектари 3 000 денари по единица хектар а по 5 хетари 2,500 денари“, вели Здравко Арсов од Иницијативниот одбор на оризопроизводители.

Оризопроизводителите велат дека субвенциите ги бараат за да стартуваат со површините за обработка, апелираат и водостопанското претпријатие да почне со чистење на каналите по кои пристигнува водата за наводнување за оризот. Сметаат дека секое доцнење значи помалку посеани површини со ориз.