Оризопроизводителите ги ставаат протестите во мирување. Денес се сретнаа со премиерот Заев. Од него побарале заштитена цена на оризовата арпа. Добиле ветување дека ќе се најде решение. Моделот како, ќе се бара на нова средба со министерот за земјоделство во четврток.
„Нашето единствено барање е цената на оризовата арпа да не оди под 25 денари за килограм. Како тоа ќе се направи, нека одлучи Владата. Дали ќе има дополнителни субвенции или ќе се најде друго решение, тоа нас не не интересира. Но добивме цврсто ветување дека решение ќе има“, рече во телефонска изјава за ТВ 24, Здравко Арсов од Иницијативниот одбор.
Оризопроизводителите досега организираа неколку протести. Главна причина беше токму ниската откупна цена на арпата, што сега е 16 денари за килограм и според нив не ги покрива ниту производните трошоци. Она што дополнително ги загрижува е што вообичаено цената паѓа за време на жетвата што почнува за неколку дена, во време кога половина од ланската реколта стои во амбарите.
Од протестот минатата недела земјоделците побараа и забрана за увоз на неквалитетен ориз од странство. Засега останатите мерки и субвенции остануваат исти како и досега.