Западното оружје предадено на Украина за одбрана од руската инвазија веќе може да се забележи во близина границите на Израел, вели во интервјутот за весникот The Jerusalem Post , израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Имаме загриженост дека некои системи коишто и ги даваме на Украина ќе бидат искористени против нас, бидејќи би можеле да паднат во рацете на Иран (…). И, патем, тоа не е теоретски можно. Тоа навистина се случи со западното противтенковско оружје, кое сега го наоѓаме на нашите граници. Затоа, мораме да бидеме многу внимателни при ова прашање“, вели Нетанјаху.
Како втора причина поради којашто Израел сѐ уште се придржува до испраќањето само одбранбени воени системи, како радари и системи за рано предупредување наспроти инсистирањата на Киев да добие офанзивно смртоносно оружје, Нетанјаху посочува дека Израел, за разлика од европските земји, се наоѓа во посебна безбедносна позиција.
„Имаме блиска воена граница со Русија. Нашите пилоти летаат близу руските пилоти на небото над Сирија. И мислам дека е важно да ја задржиме нашата слобода на дејствување против обидите на Иран да обезбеди воени позиции на нашата северна граница“, појаснува израелскиот премиер.
Нетанјаху уште во април објасни дека ситуацијата во Сирија – каде што израелските пилоти зависат од комуникацијата со нивните руски колеги за да извршат воздушни напади – спречува каква било промена на статус кво.
Израел и Сирија официјално се во војна. Нивните односи се уште повеќе напнати, поради тоа што во сирискиот конфликт се вмешани и три непријатела на Израел, владата на сирискиот претседател Башар ал-Асад, Иран и либанското шиитско движење Хезболах кое веќе неколкупати војуваше со Израел.
Израел изминатите години изведе стотици воздушни удари во Сирија гаѓајќи позиции на владините сили и на сојузничките шиитски милиции од Либан, Ирак и Иран, во прв ред на либански Хезболах. Меѓутоа, израелската војска никогаш, или многу ретко, ги потврдува таквите напади. Истовремено, израелската војска е внимателна во нападите врз сириски цели, бидејќи Русија таму има две воени бази – воздухопловната Хмејим и поморската во Тартус кои се заштитени со напредните противвоздушни системи „С-400“ кои досега не се активирани.
Нетанјаху во продожени на интервјуто истакнува дека повеќето западни челници коишто разговарал се свесни за „исправноста на балансираниот пристап“ на Израел кога станува збор за испорачувањето помош во оружје во Украина.
Израел е меѓу земјите кои ја осудија руската инвазија во Украина, но досега се воздржува од снабдувањето со оружје. Поранешниот израелски министер за одбрана Бени Ганц експлицитно ги отфрли барањата на Киев за испраќање системи „Железна купола“ во Украина ланскиот октомври, нудејќи го наместо нивиот систем за предупредување. Во манадато на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Израел го задржа овој став.