Оружје и муниција откриени во охридско, двајца кривично пријавени

Две лица, од охридските села Горени и Требеништа се кривично пријавени откако во нивните домови се откриени парчиња огнено оружје и поголемо количество муниција, информираа во петокот од СВР Охрид.

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи”, поднесена е кривична пријава против 36-годишниот С.Т. од охридското село Горенци како и против 54-годишниот Н.С. од селото Требеништа.

На 20-ти септември, по писмена наредба од Судија на претходна постапка, полициските оперативци извршија претрес во домот на С.Т. во селото Горенци. Притоа, пронашле 3 пушки, 127 куршуми различен калибар, 3 празни кожни реденици за муниција и 2 прибори за чистење на оружје. Тој, оружјето и муницијата ги поседувал нелегално односно немал соодветна дозвола за поседување и носење огнено оружје.

Истиот ден, извршен е претрес и во домот на второпријавениот Н.С. пришто пронајдени се 20 куршуми, 95 каписли за ловна муниција, барут, сачми и машина за рачно полненење на ловна муниција.

Пронајдените предмети се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.