![Balticko more](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Balticko-more.jpg?resize=696%2C405&ssl=1)
Продолжуваат мистериозните оштетувања на подморските конекции во Балтичкото Море, а во саботата рускиот телекомуникациски оператор „Ростелеком“ извести дека од надворешни влијанија е оштетен нејзин кабел.
„Од пред извесно време во акваториумот на Балтичкото Море како резултат од надворешно влијание е оштетен кабелот на Ростелеком“, се наведува во писмениот одговор на компанијата за агенцијата РИА со кој се потврдуваат информациите кои се појавија во руските медиуми.
Притоа се нагласува дека оштетувањето не влијаело врз услугите за корисниците и претплатниците на „Ростелеком“, но не се открива точната локација каде настанало оштетувањето, ниту кои се причините за штатата.
„Ростелеком“ не даде дополнителни детали и соопшти дека не е јасно кога настанала штетата. Финската крајбрежна стража во саботата утрото на платформата X објави дека следи руски брод кој поправа оштетен руски кабел во Финскиот залив.
Последните месеци сѐ почести се случаите на оштетување на подводната инфраструктура во Балтичкото Море. Ланскиот ноември беа прекинати телекомуникацискиот кабел C-Lion1 меѓу Финска и Германија и комуникацискиот кабел меѓу Шведска и Литванија. Тогаш локалните власти се посомневаа дека е одговорен за инцидентот кинескиот товарен брод „Yi Peng 3“ чија пловидба била регистриана во тој период во област и кој наводно намерно или не со своето спуштено сидро предизвикал прекин на каблите на дното.
Покрај тоа, на крајот на декември беше исклучен подводниот далновод EstLink 2 помеѓу Финска и Естонија, заедно со четири комуникациски кабли: три од нив беа поставени меѓу Финска и Естонија, а уште еден ја поврзува Финска со Германија. Во јануари порталот LSM, повикувајќи се на сопственикот, Латвиското државно радио и телевизиски центар, извести за оштетување на подморскиот оптички кабел меѓу Латвија и Шведска.
Во понеделникот 3-ти февруари шведскиот обинител задолжен за овој случај објави дека прекинот на подморскиот кабел со оптички влакна меѓу Латвија и Шведска на 26-ти јануари не е саботажа, со што ја поништи заплената на осомничениот брод.
Шведска го заплени бугарскиот брод „Вежен“ како дел од истрагата за „сериозна саботажа“. Извршниот директор на бродскиот оператор „НавиБулгар“ негираше дека сторил нешто лошо. Запленетиот брод, сепак, го оштетил кабелот, рече обвинителот, додавајќи дека истрагата продолжува.
Норвешка накратко заплени норвешки брод со руски екипаж во четвртокот поради сомневање за вмешаност, но немаше докази и бродот беше ослободен.
Неколку подводни кабли во Балтичкото Море беа оштетени или исечени последните месеци. Затоа НАТО во јануари започна патролна мисија за заштита на чувствителната подводна инфраструктура на Балтикот, во која учествуваат авиони, бродови и беспилотни летала.
Откако беа прекинати неколку телекомуникациски и енергетски кабли, наводно експерти и политичари од западните земји ја обвинија Русија дека наводно организира хибридна војна против Западот додека двете страни се судрија околу Украина.
Истрагата што ја водеше Финска за претходен таков инцидент покажа дека немало вина кај рускиот танкер кој беше запленет на отворено море и одвлечен во финско пристаниште. Минатата година беше обвинет кинески брод кој наводно со сидрото оштетил подморска инфраструктура.
Претходно летото 2023 година во балтичките води близу Данска и Шведска беа кренати во воздух четирите цевководи од руско-терманските гасоводи Северен тек со кои беше прекината испораката на евтиниот руски гас во Германија и понатаму во Европа.