Оштетена е таблата на која беше испишано името на бугарскиот цар Борис Трети, под чие име пред пет дена беше отворен културен клуб во Охрид. Информацијата за „360 степени“ ја потврди портпаролот на СВР, Охрид Стефан Димовски, кој кажа оти оштетувањето на таблата над објектот било пријавено денеска.
„Околу 12:45 часот денеска е добиено известување за оштетен дел од таблата со натпис на името на здружението над просторијата на клубот. Дел од таблата е оштетен. Во моментов СВР Охрид врши увид на местото и ќе работи на расветлување на случајот“, потврди Димовски.
Вториот бугарски културен клуб во земјава, „Цар Борис Трети“ беше отворен на 7 октомври во Охрид, а на денот на отворањето пред неговите простории се одржа протест инициран од политичката партија Левица, а беше поддржан и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Протестот помина во тензична атмосфера, а револтираните граѓани го изразија своето незадоволство против, според дел од нив, името на клубот.
На протестите не престануваше извикувањето „Фашисти, убијци, Татари“ кое беше упатено кон присутните на отворањето на клубот што се наоѓаа пред влезот на објектот.
Отворањето на бугарскиот клуб наиде на осуда не само од опозициските, туку и од структурите на власта.
Премиерот Димитар Ковачевски јавно го осуди отворањето на културниот центар под такво име додавајќи оти тоа е провокација која никому не носи добро.
Фото: Охрид њуз