Оштетени, родители и роднини на загинати во Ласкарци побараа најстрога казна за обвинетите

Оштетени, родители и роднини на загинати во сообраќајната несреќа кај Ласкарци денеска во Основен кривичен суд Скопје во своите завршни зборови побараа осудителна пресуда со најстрога казна за шестмината обвинети.

“>

Јасмина Михајловска, една од повредените во незгодата, побара правда за шестнаесетмината за кои, како што рече, ја немаа нејзината среќа да останат живи.

– Поради сообраќајката имам скршена кичма и никогаш нема да можам да одам нормално. Среќа останав жива. Ако не за мене, за тие 16 души што ја немаа мојата среќа, барам да се осудат сите шестмина обвинети, рече таа.

Благојче Трпевски, татко на Јовица Трпевски, загинат во сообраќајната несреќа побара најстрога казна, како што рече, со цел во иднина да не се повтори ваква трагедија и да извлечат наредните генерации поука.

– Ние нашите деца нема да ги вратиме, за тоа сме свесни иако нашиот живот, на цело семејство се претвори во пекол. Ништо не може нашата трагедија да ја надомести, ниту материјално, ниту не знам какво било. Сите шест обвинети се изјаснија дека се невини. Јас прашувам како се случи и како дојде до оваа незгода да загинат 16 невини луѓе. Затоа барам уште еднаш, имате и вие деца, сите ние имаме деца, оставам на ваша совест да навистина донесете правична, меѓутоа строга казна за сите шест обвинети, рече тој.

Соња Аврамовски, мајка на загинатиот Бобан Аврамовски, исто така побара најстрога казна.

– Барам за сите шест обвинети да се донесе најстрога казна имајќи ги предвид отежнителните околности за сите шест со претходни криминални дејствија. Со нивното незаконско и неодговорно работење доведоа до ваква трагедија. Животот ни го претворија во пекол во овие пет години и наредните додека сме живи, рече таа, дополнувајќи дека бара на обвинетите да им се изрече и забрана за вршење на дејност.

Кон обвинителниот акт се приклучи и Синиша Ристовски, брат на починатиот Дејан Ристовски, истакна дека вината е кај сите шест обвинети и побара најстрого да бидат санкционирани.

– Во мое име и во име на внуките Бисера и Петра, девојчиња малолетни кои останаа без својот татко, и во име на мојата сестра, снаа и цела наша фамилија, целосно се согласуваме и се придружуваме кон обвинителниот акт на јавниот обвинител во која вината е кај сите шест обвинети и бараме од вас најстрого да бидат санкционирани, рече тој.

Претходно, Јавниот обвинител, Дарко Јакимовски, денеска побара најстрога казна за обвинетите во случајот „Ласкарци“. Според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.

Во завршните зборови обвинителот истакна дека изведените докази во текот на расправата, надвор од разумен сомнеж покажуваат дека дејствијата на сите обвинети се во директна врска со последицата која резултираше со 16 лица кои загинаа.

Завршните зборови во моментов даваат бранителите на првообвинетиот, Дурмиш Белули.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години.