Оштетените штедачи од Еуростандард Банка добиле поддршка од сите пратенички групи за закон за обесштетување

Иницијативниот одбор на Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард Банка соопшти дека одржале состаноци со сите пратенички групи во Собранието за поддршка во изнаоѓање на итно, изводливо и ефикасно решение за оштетените физички и правни лица.

Оштетените штедачи бараат итно носење на законско решение со кое државата ќе ги преземе побарувањата на физичките и на правни лица, депоненти во Еуростандард Банка, и во целост ќе ги обештети, а потоа државата да наплати од стечајната маса.

– За ова наше барање, Здружението претходно доби поддршка и од Владата на состанокот со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Фатмир Битиќи на кој беше искажана волја за наоѓање на решение на проблемот. Пратеничките групи на СДСМ, на ВМРО-ДПМНЕ, на ДУИ, на Алијанса за Албанците, на Алтернатива и на Левицам дадоа целосна поддршка за носење на законско решение во најскоро време со кое ќе се изврши целосно парично обештетување на физичките и правни лица депоненти од Еуростандард Банка, се наведува во соопштението од Здружението на оштетени штедачи од Еуростандард Банка.