Оштетените штедачи: Зошто Николовски молчи за криминалот и корупцијата во Еуростандард банка?

Потпретседателот на Владата Љупчо Николовски најави жестока и некомпромисна борба со криминалот и корупцијата во државата, најавувајќи ја 2021-ва за антикорупциска година. Ја потврди и одговорноста за грижа за интересите на граѓаните и служење на истите. Најави и кол центар преку којшто ќе може секојдневно да пријавуваме корупција. Неговиот шеф, премиерот Зоран Заев, ги охрабри граѓаните да пријавуваат криминал и корупција. Потврди и дека законот мора да важи за сите. Рече дека без разлика дали се случува корупција на пониско или повисоко ниво, таа е еднакво болна за општеството, реагираат оштетените штедачи од Еуростандард банка.

Во продолжение следува нивното соопштение:

„Да му земеш 50 евра на сиромашен човек за нешто што му следува е катастрофа, тоа ја урнисува душата. Тоа е болно и не е дозволено за никого. Правдата мора да ги опфати сите по хоризонтала и оние по вертикала, односно високата корупција“, изјави премиерот Заев минатиот викенд.

Ние, ограбените физички и правни лица од Еуростандард банка, веќе седум месеци објавуваме за сторениот криминал и корупција и даваме конкретни примери за кражба на нашите депозити со користење на разни манипулации, злоупотреби и проневери. Не ни украдоа 50 евра туку вртоглави 60 милиони евра преку органиизиран и толериран масовен повеќегодишен грабеж на депозити. Директно урнисаа околу 3.000 семејства, граѓани и фирми депоненти на банката. Во организираниот криминал и корупција се вклучени од раководните лица на Еуростандард банка, гувернерката и нејзиниот прв тим од Народна банка, па до поединци и сопственици на избрани фирми каде завршиле и преку кои се поделиле нашите доверени пари во лиценцирана и контролирана но ограбена банка.

Еве уште еден пластичен пример за евидентен криминал и корупција, на којшто никој не реагира. Поминаа веќе десетина дена откако Трифун Костовски, главниот организатор на криминалот во Еуростандард банка, јавно изјави дека во случајот со направената докапитализација во банката тој направил кривично дело. Имено, и од Комерцијална банка и од Трифун Костовски беше јавно потврдено дека во 2019 година Комерцијална банка одобрила кредит од 10 милиони евра на неговата фирма Гофи за докапитализација на Еуростандард банка. Притоа, позади таквата трансакција стои нелегалното користење на депозит од Еуростандард банка во Комерцијална банка во износ од 3 милиони евра, којшто депозит требало да служи како гаранција за добиениот кредит за фирмата Гофи. Земени и искористени пари од депозитите на граѓаните и фирмите депоненти на Еуростандард банка кои се злоупотребени за докапитализација на банката. Ваквиот криминален чин е потпишан и одобрен од сите акционери на Еуростандард банка. А сето тоа е и направено во присуство на високи претставници од Народна банка, што значи аминување за криење на нелегални дејствија во банкарскиот сектор и пласирање на лажни изјави во јавноста.

Тоа е истата таа Народна банка која за цело минато време јавно тврдеше дека докапитализацијата на Еуростандард банка изнесувала не 10 туку 11 милиони евра, додека парите биле од сопствен капитал на акционерите добиени од продажбата на фирмата Еуролинк осигурување, а не од депозитите на граѓаните и фирмите од банката. Присуството на високи претставници од Народна банка на криминалниот чин на потпишување на договор за кредит за докапитализација на банката со гарантирани средства од Еуростандард банка, е доказ за измама од една страна и висока корупција и соучество во криминал од друга страна на високо поставената државна Народна банка и гувернерката Анита Ангеловска Бежоска.

Што е ова ако не јасен и недвосмислен пример за сторен криминал и корупција, од највисоко ниво, во којшто директно се оштетени и ограбени обичните граѓани и фирми за кои високите претставници од Владата постојано велат дека им служат и дека ги штитат нивните интереси!? Дали овој организиран криминал и корупција е вклучен во најавениот акционен план на Љупчо Николовски, генералниот секретар на СДСМ и потпретседател на Владата за борба против корупција? Зошто се молчи и се толерираат криминалот и корупцијата и кога веќе имаме вакви јавни изјави за сторени кривични дела од еден од организаторите на масовната кражба на депозити во Еуростандард банка!?

После многу докази и вакви изјави за сторен организиран криминал и корупција, единствено што може да се очекува е кривична одговорност и долгогодишни затворски казни за сите учесници во истиот и враќање на украдените средства. Работата и исходот од ветното за борбата против криминалот и корупцијата, каде несомнено грабежот на Еуростандард банка е важен составен дел, го следат не само граѓаните туку и странските дипломатски претставништва и амбасади како и шефот на делегацијата на Европската унија во земјава. Дали Љупчо Николовски ќе остане на своето ветување да се бори за сузбивање на ова зло во општеството со конкретни дела и резултати или ќе останат празни зборови користени за партиски цели, останува да видиме многу скоро во наредните месец до два?

А ние продолжуваме понатаму.