Оштетувањето на кабелот меѓу Шведска и Латвија не е саботажа

Прекинот на подводниот кабел со оптички влакна меѓу Латвија и Шведска на 26 јануари не е саботажа, објави во понеделникот шведскиот обвинител задолжен за случајот, со што ја поништи заплената на осомничениот брод.

„Утврдено е дека комбинација од метеоролошки услови, дефекти на опремата и навигациски грешки придонеле за штетата“, се вели во соопштението на Матс Љунгквист.

Шведска го заплени бугарскиот брод „Вежен“ како дел од истрагата за „сериозна саботажа“. Извршниот директор на бродскиот оператор „НавиБулгар“ негираше дека сторил нешто лошо.

„Истрагата сега јасно покажува дека ова не била саботажа“, нагласи Љунгквист.

Запленетиот брод, сепак, го оштетил кабелот, рече обвинителот, додавајќи дека истрагата продолжува.

Оптичкиот кабел на латвискиот Национален радио и телевизиски центар, кој го поврзува шведскиот остров Готланд со латвискиот град Вентспилс, беше прекинат на 26. јануари.

Норвешка накратко заплени норвешки брод со руски екипаж во четвртокот поради сомневање за вмешаност, но немаше докази и бродот беше ослободен.

Неколку подводни кабли во Балтичкото Море беа оштетени или исечени последните месеци. Затоа НАТО во јануари започна патролна мисија за заштита на чувствителната подводна инфраструктура на Балтикот, во која учествуваат авиони, бродови и беспилотни летала.