Граѓани, компании и институции наплатија 1,94 милијарди денари (31,5 милиони евра) обештетување за штети покриени со осигурителни полиси за неживотно осигурување во првите шест месеци годинава, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).
Во споредба со истиот период минатата година износот на бруто исплатени штети (БИШ) кои осигурителите ги платиле на осигуреници е повисок за 5,2 милиони евра односно 20 отсто.
Во значајна мерка влијание врз растот на исплатените штети има зголемувањето на вкупната мобилност како и активностите во сите општествени сфери. Тие се интензивираа по укинувањето на мерките и ограничувања кои, истиот период лани, беа на сила заради превенција од глобалната здравствена пандемија предизвика од коронавирусот.
Значаен раст на исплатените штети има кај осигурувањето имот. Во првите шест месеци годинава 11 осигурителни друштва за неживотно осигурување на своите осигуреници за штети на осигурен имот им исплатиле 4,75 милиони евра што е за 18,5 отсто повеќе од истиот период минатата година.
Кај осигурувањето од автомобилска одговорност (најзастапено осигурување задолжително со закон) износот на исплатени штети изнесува 17 милиони евра. Во споредба со истиот период лани износот на исплатени штети е зголемен за 21 отсто односно 3 милиони евра.
Кај класата на доброволно автомобилско осигурување т.е. каско осигурување за овој период компаниите исплатиле штети во вредност од 3,6 милиони евра.
Осигурителните друштва за останатите класи осигурување на своите осигуреници по пријавени штети им исплатиле 6,1 милиони евра во првата половина годинава. Тоа е за 38 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Од вкупно 11 компании за неживотно осигурување кај десет друштва се зголемени износите исплатени за надомест на штети. Најголем раст во овој период имаат: „Кроација осигурување – неживот“ со 64 отсто, „Халк осигурување“ со 61 отсто, „Уника“ со 42 отсто, „Евроинс осигурување“ и АДОР „Македонија“ со раст од 22 отсто и „Сава осигурување„ со раст од 17 отсто. Следува „Винер ВИГ“ со раст од 5 отсто па „Триглав Осигурување“, „Еуролинк Осигурување“ и „Граве неживот“ со по 4 отсто раст на износите на бруто исплатени штети.
Најголемо учество во вкупниот износ на исплатени штети за првото полугодие имаат „Триглав осигурување“ со 3,95 милиони евра, „Халк Осигурување“ и „Евроинс Осигурување“ кои исплатиле по 3,6 милиони евра. По нив следуваат: „Сава Осигурување“ и „Уника“ со по 3,25 милиони евра, „Еуролинк осигурување“ со исплатени 3,1 милиони евра, АДОР „Македонија“ и „Винер ВИГ“ со по 2,67 милиони евра. „Кроација осигурување – неживот“ исплатила 2,2 милиони евра, „Осигурителна полиса“ 2,1 милиони евра и „Граве неживот“ 1,06 милиони евра.