Ослободени мажите кои на парискиот аеродром предизвикаа паника со лажни пиштоли

Двајцата мажи кои беа приведени во средата претпладнето на парискиот аеродром „Руаси – Шарл де Гол“ со лажни пиштоли, се ослободени од притвор во средата попладнето, објави весникот Le Parisien, повикувајќи се на сопствени извори.

Претходно беше објавено дека мажите биле забележани околу 8,30 часот по локално време, 9,30 часот по македонско, меѓу терминалите А и Ц на парискиот аеродром како од торбите вадат оружје, а подоцна било утврдено дека станува збор за „Airsoft“, коешто е копија на пиштоли и се користи во страјкбол игрите.

Двете момчиња се приведени откако се забележани како од торбите го вадат оружје, предизвикувајќи паника и привремена евакуација на патниците од терминалите.

Весникот пренсува дека двајцата се ослободени од притвор во средата во 17 часот по локално време, или 18 часот по македонско време. Според изворите на весникот, и покрај тоа што дејствијата на момчињата довеле до паника и евакуација на терминалот, како и доцнење на повеќе летови, тоа не било спротивно на законот, така што приведените биле ослободени.

Повикувајќи се на аеродромски службеник, Le Parisien истакнува дека мажите зборувале на руски јазик. Еден од нив бил Французин, а другиот кој имал дозвола за престој во Франција, бил државјанин на Белорусија.