Ослободени заложници во џамија во Мариупол

Припадниците на специјалните сили на руската војска ги ослободиле и извлекле муслиманските верници кои биле заточени во една од џамиите во јужниот украински град Мариупол, изјави во неделата портпаролот на руското министерство за одбрана, генерал-мајорот Игор Конашенков.

„Во текот на настапувачките дејствија за ослободување на градот Мариупол, по барање на претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, на 16-ти април беше изведена специјална операција во областа на Приморскиот регион за ослободување на заложниците кои ги држеа украинските нацисти во турска џамија“, изјавил Конашенков.

Агенцијата РИА го цитира портпаролот на министерството според кој во рамките на оваа операција „џамијата е деблокирана, убиени се 29 милитанти, меѓу кои и странски платеници“.

„Заложниците, државјани на една од земјите на Заедницата на независни држави (поранешни републики во некогашниот Советски сојуз), ослободени се и пренесени на безбедно место“, рекол Конашенков.

Во меѓувреме, неколку часа по зададениот рок од страна на руските сили, преостанатите украински борци кои се сокрија во комплексот на челичарницата „Азовстал“ на периферијата на Мариупол кон Азовското Море, не покажуваат никави реакции.

Руското министерство за одбрана во неделата објави дека, според нивните сознанија, опколените припадници на паравоените формации составени од припадните на екстремните националистички украински движења засилени со неколку стотина странски платеници, добиле наредба да пукаат врз секој кој меѓу нив ќе се обиде да го положи оружјето.

Во емитуваните претходно на социјалните мрежи изјави на наводно заробени украински војници, се наведуваа тврдења дека уште од почетокот на руската офанзива, во секоја единица на украинските вооружени сили е распоредена десетина на украинските националисти кои имаа наводно задача да го ликвидираат секој воен командант за кој ќе се посомневаат дека има намера да се предаде или дека соработува со руските единици.

Украинските власти досега воопшто не се огласија во врска со рускиот ултиматум за укранските борци во Мариупол.