ВИДЕО| Ослободeни уште тројца израелски заложници во Газа

Палестинските милитанти групации во Појасот Газа во четвртокот ослободија уште тројца израелски заложници, во замена за 110 палестински затвореници кои ќе бидат ослободени според договорот за прекин на огнот меѓу Израел и движењето Хамас кое управува со енклавата.

Израелската војничка Агам Бергер, облечена во зелена униформа, беше донесена низ тесен премин меѓу купишта урнатини во Џабалија во северниот дел на Појасот Газа и предаден на Црвениот крст.

„Нашата ќерка е силна, полна со вера и храбра. Сега Агам и нејзиното семејство можат да го започнат процесот на опоравување, но тој нема да заврши додека сите заложници не се вратат дома“, соопшти нејзиното семејство.

Двајца други заложници, 80-годишниот Гади Мозес и 29-годишната Арбел Јахуд, грбнати од кибуцот Нир Оз на 7 октомври 2023 година, се прегрнаа во присуство на маскирани милитанти во црни униформи, според видеото објавено од групацијата Исламски џихад, сојузник на Хамас.

Јахуд потоа беше предадена на Црвениот крст опкружена со толпа луѓе и вооружени палестински милитанти близу бомбардираната куќа на убиениот лидер на Хамас, Јахја Ал-Синвар во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа.

Десетици милитанти беа на локацијата, што е порака дека Хамас сè уште има јаки сили во Појасот Газа и покрај повеќе од 15 месеци израелско бомбардирање.

„Убивањето водачи само ги прави луѓето посилни и потврдоглави“, изјави претставникот на Хамас, Сами Абу Зухри.

Палестинските затвореници, меѓу кои 30 малолетници и неколку членови на палестински групи осудени за вмешаност во смртоносни напади во Израел, ќе бидат однесени на окупианиот Западен брег или на Појасот Газа подоцна во текот на денот.

Се очекува да бидат ослободени и пет тајландски граѓани киднапирани од Хамас, според посебен договор, објавија Израел и Хамас. Заложниците ќе бидат пренесени на лекување во болница.