Ослободителната пресуда – можност за големо враќање на Спејси

Последната правна победа на американскиот актер Кевин Спејси во случајот за сексуално недолично однесување може да означи големо враќање во неговата кариера, велат познавачите на состојбите во светот на филмот, иако холивудските продуценти и натаму се претпазливи во врска со негово појавување на снимањата.

Добитникот на Оскар за најдобра машка улога во „Вител на животот“ и најдобра споредна машка улога во „Донесете ги осомничените“, кој го играше бескрупулозниот политичар Френк Андервуд во популарната серија „Куќа од карти“, во средата беше ослободен пред судот во Велика Британија од девет обвиненија за наводни сексуални престапи.

Спејси во текот на судењето сведочеше дека ја изгубил својата работа, угледот и „сè за неколку дена“, кога наводите првпат се појавија во 2017 година во екот на кампањата на движењето #MeToo.

И додека Спејси беше без ангажмани во текот на судскиот процес, сегашната пресуда менува сè, според неговиот адвокат Кристофер Мелчер.

Како што е типично за Холивуд, на крајот сѐ се сведува на пари, рече Мелчер, додавајќи дека Спејси останува многу популарен актер чии обожаватели секојдневно се појавуваа за да го поддржат на судењето во Лондон.

„Ниту една од одлуките при изборот на актери нема да биде донесена од добронамерност. Ќе се работи за желбата да се заработат пари“, изјави тој за AFP.

Самиот Спејси во неодамнешното интервју за германскиот неделник Die Zeit изјави дека „во овој момент има луѓе кои се подготвени да ме вработат веднаш штом бидам ослободен“.

„Продуцентите ќе ја видат оваа судска победа и можат да ја искористат како причина да го оправдаат неговото повторно ангажирање“, рече адвокатот Тре Ловел.

 

Ослободителната пресуда доаѓа помалку од една година откако судот во Њујорк го отфрли обвинението за сексуален напад против него и откако судот во Масачусетс ги отфрли обвиненијата за сексуален напад во 2019 година.

И покрај успешните правни постапки, угледот на Спејси страда од потенцијално штетни обвинувања од повеќе лица, а некои срамни и непријатни детали беа јавно откриени. Актерот призна дека „несмасно се додворувал“ на една од наводните жртви и дека „се обидел сексуално да им пријде на луѓето“ за да го олесни „бремето“ на осаменоста.

Неговата одбрана беше заснована на недоследности во наводите и поддршката од други познати личности, како на пример пејачот Елтон Џон.

Обемот на обвиненија против Спејси може да ги загрижи холивудските продуценти од правна гледна точка, особено со оглед на фактот дека многу од обвинувањата доаѓаат од колеги актери, рече Мелчер. Ако се појават нови наводи, „вистинити или лажни, продуцентот е свесен за обвинувањата од минатото и фактот дека има поголема должност да ги заштити актерската екипа и екипата“, рече тој.

Мелчер посочи дека идните договори би можеле да го забранат Спејси од социјален контакт со актерската екипа и екипата, или може да му се додели „придружник“ за време на снимањето. Тоа би можело да го заштити Спејси од понатамошни обвинувања, а исто така да им даде на продуцентите „очи и уши“ како заштита, додаде тој.