Османи: Ако Лавров ја посетеше Србија, неизвесен ќе беше состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“ во Охрид

Неизвесно ќе беше одржувањето на состанокот на „Отворен Балкан“ во Охрид, ако се случеше денеска посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на Србија. Ова го посочи шефот на дипломатијата Бујар Османи, вечерва во Тема на денот на Сител ТВ, кој додаде дека откажаната посета на Лавров, го охрабрува одржувањето на состанокот во Охрид.

Прашан дали имал некаков контакт со неговите колеги од Србија, Османи одговори дека во текот на последните денови, јасно било кажано дека ваквите чекори не нѐ охрабруваат во овој ангажман во рамки на Западен Балкан и регионална соработка. Затоа, наведе тој, било важно да ги испратиме тие пораки и до сите други учесници во рамки на Отворен Балкан.

– Иако Србија, се разбира, е независна држава што сама одлучува сза воите надворешно политички приоритети, сепак во рамки на некои регионални иницијативи во кои учествуваме, како што е Западен Балкан, важно е  сите земји што соработуваат да се на една линија на некои вредносни системи, рече Османи.

Тој нагласи дека Македонија има добри билатерални односи со Србија, а во рамки на регионалните иницијативи, ни беше важна одлуката на Србија да гласа во ООН за резолуција што ја осудува руската агресија во Украина.

– Билатералните односи никогаш не се спорни и ќе продолжат да се надоградуваат. Меѓутоа регионалните иницијативи мора да бидат во рамки на некои основни вредносни принципи во кои веруваме, истакна министерот.

Во однос на одлуката со која нашата земја, како една од трите, не дозволи прелет на авионот на Лавров, Османи потенцира дека тоа не е однос кон Руската Федерација, туку однос кон агресијата во Украина, односно политиките на Руската Федерација со војната.

Тој рече дека Северна Македонија е една од многуте земји кои имаат донесено општа забрана односно затворање на воздушниот простор за прелет на компании кои што се сопственост на Руската Федерација.

– Сметавме дека ова барање на Амбасадата на Руската Федерација за ослободување за специјален лет, се вклопува во таа општа забрана и наш однос кон Руската Федерација по однос на агресијата во Украина, изјави Османи, кој додаде дека е недозволиво во 21 век да се напаѓаат соседни земји и да се прави агресија врз независни држави.