Османи би ги ставил на билборд уставните измени

Нема ништо конспиративно во одредувањето на денот, кога уставните измени ќе бидат доставени до Собранието. Едноставно, се калкулира кога е најдобриот момент, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Уставните измени, повтори, не се контроверзни и се во интерес на државата.

–Ние сме политичка Влада и ги пресметуваме сите аспекти, даваме простор за продолжување на политичките разговори, се координираме со Парламентот по однос на внатрешните процедури, го сетираме тајмингот за да помогне во дебатата. Нема некоја конспирација зад пресметување на денот кога ќе ги пратиме предлозите, туку баш, класично калкулирање, кога е најдобриот момент, кога Собранието смета дека веднаш може да го процесуира текстот, дали се исцрпени сите разговори, да се даде ден повеќе на опозицијата да рефлектира и календарски е прашање поради одморите. Нема ништо конспиративно, очекувам брзо, во рамки на наредните денови, недели, да се прати текстот во Собранието. За мене тоа ќе биде најважниот момент, кога граѓаните ќе ги прочитаат уставните измени. Дури некому кажав, јас на билборди би ги ставил уставните измени за да видат граѓаните дека целата пропаганда по однос на уставните измени не е точна, истакна Османи на прес-конференција, одговорајќи на новинарски прашања.