Османи доби одговор од Софија. Предлозите на Македонија се неприфатливи и разговорите мора да продолжат. Соопштението дојде од бугарското МНР, а по изјавата на шефот на македонската дипломатија, кој вчера ги подгреа надежите за кревање на ветото во јуни.
Бугарија за ова ја информираше Македонија за време на состанокот во февруари, посочуваат од бугарското министерство. Додаваат дека „кога ќе има изгледи за значителен напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог за приближување на ставовите“.
Соопштението на бугарското МНР доаѓа по изјавата на Османи, кој вчера информираше дека постои документ како основа за договор со Бугарија кој е прифатлив за македонската страна.
Ваквата изјава ја алармираше македонската опозиција. Од ВМРО ДПМНЕ бараат јавно обелоденување на овој документ, дополнувајќи дека нема да прифатат штетен договор.
Власта турка ново велепредавство зад затворени врати, обвинуваат и од ЛЕВИЦА.
“Недостапноста на овој документ, прифатлив за Владата на ДУИ и СДСМ, покрај тоа што најавува ново велепредавство, укажува и на спремноста од нивна страна истиот да го протуркаат што е можно потивко и што е можно поскоро, за да се избегне негодувањето и притисокот од јавноста. Патем, уште позагрижувачки е фактот што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави спремност да разговараат во насока на нова промена на македонскиот Устав”, велат од Левица.
Инаку, по изјавите на албанскиот премиер дека Албанија ќе се „одвои од Македонија доколку формално не се отворат преговорите со ЕУ во јуни“, се огласи и американскиот Стејт Департмент. САД се со став дека за тое е внатрешно прашање на Унијата, која сама треба да решава по ова прашање.