Османи и Чавушоглу разговараа во Њујорк за регионалните и глобални прашања

Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во петокот на маргините на 77-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, се сретна со својот хомолог од Турција, Мевлут Чавушоглу.

На средбата се разговараше за актуелната ситуација предизвикана од руската инвазија во Украина, безбедносниот аспект и последиците за европските земји, како и напорите што Македонија и Турција ги преземаат со цел справување со кризата. Поздравен е ангажманот и посредството на Анкара и Обединетите нации во постигнатиот договор со кој се овозможува извоз на украинското жито до светските пазари.

Посебен осврт беше направен за регионалната соработка и предизвици, како и евро-атлантската перспектива на земјите од регионот и во таа насока, за наредните ангажмани на Македонија во процесот на пристапните преговори и скринингот, кој формално е веќе започнат.

Разменети беа мислења во врска за билатералните односи, политичкиот и економски дијалог, во светло на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи.

Македонското претседавање со ОБСЕ 2023, исто така беше неизоставен дел од разговорите, при што Чавушоглу беше запознаен со приоритетите како и за до сега преземените активности и подготовки кои ги реализиравме во својство на земја член на Тројката на ОБСЕ.