Пред посетата на Урсула фон дер Лајен на Скопје и средбите со државниот врв, агенцијата Ројтерс повикувајќи се на извори и документ до Брисел, објави дека поради страв од можни реакции во земјите членки, Брисел повеќе не може да гарантира дека шесте балкански земји, меѓу кои и Македонија, воопшто ќе бидат примени во ЕУ.
Министерот Бујар Османи во гостувањето на Утрински брифинг, појаснува за овој извештај дека сепак ЕУ е посветена на членство на регионот и ЕУ, и таа опција е без алтернатива.
-Во подготовските на телата на ЕУ за заедничката декларација која треба да се усвои на Самитот во Брдо се појави дилемата дали овој самит е воопшто за проширување и дали зборот „проширување“ треба да стои во тој документ. Некои го интерпретираат како продолжување на евроскептицизмот на одредени држави, што не е ништо ново, други го интерперетираат повеќе во дефинирање на конкретниот самит, дали е самит на проширување или е самит во кој само се покажува фокусот на ЕУ кон Западниот Балкан. Која варијанта и да е, пораката не е добра, во смисла на унисоноста на ЕУ во односот на Западен Балкан, но не е ништо ново. Има земји членки кои сметаат дека ЕУ претешко функционира за да може уште 6 нови земји членки да дојдат да се зачленуваат, да се закануваат со нивните права на вета, со нивните комесари, објаснува министерот Османи.