Османи-Кулеба: Ќе ги поддржиме сите иницијативи кои ќе доведат до одржлив мир  

„Посетата на Украина е показател за посветеноста и непоколебливоста на ОБСЕ да најде начин да се врати мирот во земјата“, истакна претседавачот на ОБСЕ Бујар Османи за време на работната средба со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Османи во својство на претседавач со најголемата светска регионална безбедносна организација ОБСЕ најави дека ќе ги стави на располагање сите свои алатки и механизми  кои ќе доведат до праведен и одржлив мир.

„Северна Македонија на чело на Организацијата, ќе служи како чувар на договорените принципи на ОБСЕ. Можете да сметате на тоа. Ќе ги поддржиме сите иницијативи кои ќе доведат до праведен и одржлив мир, обезбедувајќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници и ќе поставиме основа за мирно да се разговара за сите отворени прашања“ изјави Османи.

За време на средбата Османи изрази надеж дека во текот на 2023 година ќе сведочиме на враќањето на мирот во Украина, а ОБСЕ со своите алатки ќе застане цврсто за земјата да се опорави од војната.

„Откако ќе се врати мирот и Русија ќе ги повлече своите сили од суверена територија на Украина, ОБСЕ ќе го понуди својот пакет со алатки за да ѝ помогне на Украина да се опорави од штетите од оваа војна. ОБСЕ, за време на војната, помага преку Програмата за поддршка на Украина финансирана од донатори, но ќе направи уште повеќе кога ќе настапи мирот. Се надевам и верувам дека ќе бидам сведок на почетокот на мирот и закрепнувањето за време на нашето претседавање. Ние сме цврсто решени целосно да се ангажираме за да се случи токму тоа“ истакна Османи.

Османи за време на посетата на Киев изрази силна осуда за континуираната руска агресија против Украина и ја повика Руската Федерација да ја прекине војната и да се посвети на принципите на ОБСЕ.

Посетата на Османи на Киев е во рамките на реализацијата на еден од главните приоритети на претседавањето  на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, состојбата во Украина, со посебен фокус кон луѓето на терен кои се најпогодени од воената агресија.