Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска оствари телефонски разговор со Жан-Ив Ле Дриан, министер за Европа и надворешни работи на Француската Република.
Во фокус на разговорот беше европското досие на Македонија, во светло на актуелното француско претседателство со Советот на Европската Унија и во таа насока за потенцијалите на ова претседателство за напредок во нашите европски интеграции. Стана збор и за текот на политичкиот дијалог со Република Бугарија и секако состојбите во Украина и како истите се рефлектираат на земјите од Западен Балкан, врз стабилноста и безбедноста на регионот и Европа во целост.
Министерот Османи му честиташе на својот француски колега, Ле Дриан за лидерството на француското претседателство со Унијата во овие тешки времиња, при што нагласи дека обединетоста на ЕУ го охрабри целиот демократски свет, а особено земјите во регионот. За време на телефонскиот разговор беа добиени јасни и недвосмислени пораки за поддршка од страна на Франција; пораки за нашата подготвеност за почеток на преговорите, како и за улогата на Франција во овој процес.
За време на разговорот Османи го информираше Ле Дриан дека Македонија постигна 100% усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика и во тој контекст потенцираше дека европската перспектива на земјата и регионот е суштински придонес за одржлива регионална и европска стабилност.