Османи му се заблагодари на Милановиќ за предлогот за зачленување на Косово во ЕУ

Претседателката на Косово, Вјоса Османи му се заблагодари на претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ за неговиот предлог на Косово да му се додели статусот на држава кандидат за зачленување во Европската унија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на нејзината официјална страница на Твитер, Османи напиша дека Хрватска секогаш била посветена на зачленувањето на Косово во ЕУ и порача дека „Косово ќе направи сé што е потребно“ со цел што поскоро да ги имплементира потребните реформи.

– Благодарност претседателе Милановиќ за вашиот предлог да му се додели на Косово статусот на држава кандидат. Хрватска останува посветен лидер на нашето зачленување во ЕУ. Ние сме подготвени да работиме со сите членки на ЕУ и со нејзините институции за да ги спроведеме сите потребни реформи на патот кон зачленувањето, напиша Османи.

Кабинетот на хрватскиот претседател вчера, преку официјалната страница на Твитер, порача дека „Милановиќ ја поддржува кандидатурата на Украина за членство во ЕУ, предлага статус на кандидати за зачленување за Босна и Херцеговина и Косово и почеток на преговорите со Албанија и Северна Македонија“.