Османи на средба со Ескобар: Намерата на Србија е да го минира дијалого

Косовската претседателка Вјоса Османи на средбата со американскиот специјален пратеник за Балканот, Габриел Ескобар, во понеделникот изјави дека е итно потребно отстранување на барикадите што во северно Косово ги поставија припадници на тамошните Срби.

Во соопштението од кабинетот на Османи по средбта со американскиот емисар се наведува дека таа нагласила оти барикадите на патните правци кон административните премини кон централна Србија се поставени „од илегалните структури организирани од криминални банди и диригирани од претседателот на Србија, Александар Вучиќ“.

Според Османи, Приштина „продолжува да се однесува конструктивно“ во преговорите со Белград, додека „дејствијата на Србија претставуваат обид да се минира дијалогот за меѓусебно признавање“ на двете држави.

„Претседателката Османи… потенцира дека нападите врз институциите на Република Косово и врз оние меѓународните, претставуваат злосторства и нивните автори треба под итно да се соочат со правдата“, се вели во соопштението.

Османи се заблагодари на САД за „јасната порака“ што ја испратија вчера со осудата на блокадите и на нападите со експлозивни средства и со огнено оружје врз косовските полицајци и врз припадниците на Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС).

Ескобар претходно се сретна се сретна и со премиерот Албин Курти, а за утре се предвидени средби со лидеритре на политичките партии.

Најавено е дека од Приштина, Ескобар ќе отпатува за Белград на средби со тамошниот државен врв, а во врска со најновата криза предизвикана во  доминатно српскиот дел на северот од поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија, каде што локалните Срби поставија барикади и ги блокираа патиштата кон граничните премини со Србија, Јариње и Брњак.