Османи на средбата со Жбогар оцени дека е потребна стабилна и функционална влада со европска перспектива

Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската унија, Бујар Османи, оствари во средата средба со шефот на делегацијата на ЕУ во Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар.

На средбата беше разговарано за текот на изборите и пост изборната атмосфера во насока на политичката стабилност на земјата, a во пресрет на почетокот на преговорите.

„Во сложени околности под притисок на предизвиците од пандемијата имавме фер, слободни и компетитивни избори на кои граѓаните покажаа политичка зрелост, потврдувајќи ја европската перспектива на земјата“ истакна Османи.

Притоа изрази надеж дека европската перспектива ќе биде потврдена и во пост-изборниот период при создавањето на новото политичко мнозинство.

„На земјата и е потребна стабилна и функционална влада, со европска перспектива, која ќе може адекватно да се подготви и да ги започне претстојните преговорите со Европската Унија, како и да биде гарант за регионалната стабилност при решавање на важните регионални прашања“, посочи Османи.

Вицепремиерот изрази задоволство од постигнатиот консензус во Европската унија за повеќегодишната финансиска рамка, поздравувајќи го притоа и зголемувањето на средствата предвидени за земјите од западент Балкан за 10 отсто. Тоа, како што истакна Османи, само ја потврдува констатацијата дека Западниот Балкан сè повеќе се интегрира и сè повеќе станува внатрешно прашање на Унијата.