Во врска со инцидентот на скопскиот аеродром каде вработен во турската државна компанија ТАВ не дозволил косовската претседателка Вјоса Османи да мине без да и биде проверен телефонот и чантата, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на Косово му порача дека жали за инцидентот, притоа оставајќи можност дека за инцидентот виновно е обезбедувањето на косовската претседателка и дел од обезбедувањето на спикерот Африм Гаши кое сакало да се одмазди на вработените во ТАВ.
,,Република Македонија и Република Косово одржуваат позитивни и конструктивни билатерални односи и соработка, без отворени прашања и со искрен и континуиран дијалог на сите нивоа и во сите области. Во наведениот контекст изразуваме жалење за недоразбирањата кои се случиле во текот на вчерашниот ден, при патувањето на претседателката на Република Косово Н.Е. Вјоса Османи на меѓународниот Аеродром во Скопје.
Напоменуваме дека од страна на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија во врска со вчерашниот настан веќе се побарани информации од сите надлежни институции. Откако ќе биде направена соодветна анализа на прибраните податоци во непосредна соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе бидат преземени сите потребни активности и мерки, а со основна цел во иднина да се избегнат вакви или слични појави и ситуации”, пишува во реакцијата на Муцунски за случајот кој беше предизвикан од страна на Косово.
Претходно Косово побара извинување од Муцунски и претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова.
Вјоса Османи вчера се пожали дека при нејзиното доаѓање на скопскиот аеродром еден од вработените се обидел да ја турне. Дополнително, таа обвини за тоа дека спротивно на дипломатските правила вработениот од ТАВ Македонија се обидел да ѝ го одземе телефонот и чантата, а со тоа ѝ биле скратени дипломатските привилегии. Таа обвини и дека намерно летот повеќе од еден час не полетал за Словенија. ТАВ Македонија ги демантираше ваквите обвинувања.
Османи обвинуваше за насилничко однесување
Претходно, Вјоса Османи обвини за „арогантно и насилничко однесување“, посочувајќи дека ѝ биле одземени предмети кои е недозволиво да се дадат, наводно и дека работен од одделот за обезбедување се обидел да ѝ го одземе телефонот, за што од ТАВ Македонија рекоа дека е не е вистина.
„Категорично ги отфрламе наводите дека наш вработен од одделот за обезбедување се обидел да го одземе телефонот. Телефонот и’ беше побаран со цел да се подложи на задолжителен безбедносен скрининг преку уредот за рентген. Согласно Документот 30 (Doc.30) на ECAC и Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство, сите патници, кабински багаж и нивните лични предмети со кои патуваат на комерцијален лет, како во овој пример, се предмет на безбедносен преглед. Доколку не сме усогласени со овие правила, пилотот на летот ќе го одбие влегувањето во авион на патникот. Виенската конвенција за дипломатски односи ги ослободува од безбедносен преглед само официјалните гости на Владата на Република Северна Македонија, а операторот на аеродромот добива официјално известување за таквите изземања од Министерството за внатрешни работи. Насоките што ги доби нашиот Оддел за обезбедување од страна на Одделот за заштита на одредени лица и објекти јасно кажуваат дека членовите на делегацијата мора да поминат стандардна безбедносна проверка во согласност со утврдените процедури“, соопштија од ТАВ Македонија.