Османи: Некои сметаат дека на лето има поголемо расположение да се гласа за власта

Избори во септември и октомври ѝ одговараат на опозицијата, а за Владата е подобро да има во јуни или јули, бидејќи има согледувања дека во летните месеци луѓето се порасположени да гласаат за власта, рече меѓу другото во понеделникот вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи во попладневното гостување на телевизијата ТВ24.

Истакна дека на неговата ДУИ, како партија на власт, ѝ одговараат избори што поскоро, но како што нагласи Османи, не прејудуцираат кога тие да се одржат, зашто треба предвид да се имаат сите аспекти и евентуалниот втор пик во септември, па да се донесе вистинска одлука за терминот на одржувањето на изборите, иако некои сакаат тоа да се случи во прозорецот меѓу двата пика,.

Повтори дека за неговата партија ДУИ најважно е изборниот процес да не создаде ситуација ниедено лице да се разболи.

„Како ДУИ се обидувавме воопшто да не ја спомнуваме темата за избори, бидејќи од старт луѓето мислат дека е се завршено со мерките за справување со коронавирусот и се олабавуваат. Ние сме за избори во било кој термин, кога Комисијата за заразни болести ќе излезе со став дека изборите нема да го загрозат здравјето на граѓаните и кога ОБСЕ ќе потрврди дека ќе има меѓународни набљудувачи. Нека каже Комисијата кога е поминат ризикот“, рече Османи во емисијата „Отворено студио“.

Османи истакна дека бил во Институтот за јавно здравје каде разговарал со тамошната комисија и додаде дека нивниот став е дека во овој период, доколку се одржат изборите, ќе треба да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, како што се носење маски и ракавици и одржување на физичката дистанца.

„Ние треба политички да кажеме дали е во ред да се одржат избори во такви услови. Сепак, велам, утре на лидерската средба ќе решиме што ќе правиме. Избори во септември и октомври ѝ одговараат на опозицијата, а за Владата е подобро да има во јуни или јули, бидејќи има согледувања дека во летните месеци луѓето се порасположени да гласаат за власта. Во август одат на одмори и никој нема да биде тука да гласа. Во јуни или јули може да има избори“, рече Османи.

Според него, ако нема продолжување на вонредната состојба по 16 мај има различни толкувања за тајмингот на изборите, но тоа, како што вели, е прашање на правниците.

„Сметам дека сега е премногу рано тоа да нѐ дефокусира“, потенцираше Османи.