Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска рече дека ДУИ на лидерската средба ќе го застапува ставот дека на државата ѝ е потребна институција за борба против корупција на високо ниво во политиката, што, меѓудругото, било барање и на Европската Унија.
„Демократската унија за интеграција останува на ставот дека Република Северна Македонија има потреба од институција што ќе биде фокусирана на борба против корупцијата на високо ниво во политиката. Тоа е барање на Европската Унија, тоа е барање на граѓаните, и со таков став ќе се претставиме на лидерската средба“, изјави Османи.
Вицепремиерот додаде дека ДУИ останува и на иницијативата за воведување ветинг, оценувајќи дека тоа е потребно меѓу граѓаните да се врати довербата во институциите.