
Актуелните состојби го сменија контекстот на нашите разговори, но и на геополитичките и стратегиски приоритети на европскиот континент. Нашиот дијалог добива пресвртница во однос на итноста од носење одлуки што ќе ја детерминираат иднината на С Македонија во ЕУ и на целиот Западен Балкан. Унијата покажа дека знае да се обедини во историски времиња, да ги донесе вистинските одлуки и да изгради консензус. А ние покажавме дека стопроцентно стоиме зад овие одлуки, изјави денеска во Брисел шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.
„Потребен ни е брз и одлучен исчекор на нашиот евроинтегративен пат. И затоа сум тука денеска – да ја зацврстиме поддршката од нашите европски пријатели за почеток на преговорите“, рече Османи.
Тој присуствуваше денеска на работниот појадок со шефовите на дипломатиите на ЕУ, што беше организиран под покровителство на грчкиот министер Никос Дендиас, на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ. На настанот, на кој се разгледуваше европското досие на С Македонија, присуствуваше и бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска.
„Денес сум во Брисел во широка дипломатска офанзива. Имав средба со министрите за надворешни работи на ЕУ, засилена со присуството на еврокомесарите Жосеп Борел и Оливер Вархеји“, изјави Османи.