Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи, од денес ќе престојува во неколкудневна работна посета на Обединето Кралство на покана на државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој, Џејмс Клеверли.
Во првиот дел од престојот во Лондон, Османи ќе има средба со својот домаќин Клеверли и министерот за Европа, Лео Докерти, како и одвоени средби со специјалниот пратеник на британскиот премиер за Западен Балкан, Лорд Пич, со трговскиот пратеник за Западен Балкан и претседавач со Групата за парламентарна соработка, Мартин Викерс, пратеници-членови на Групата, меѓу кои и поранешната министерка за Европа, Венди Мортон, а во владината служба за национална безбедност ќе се сретне со генералниот директор и заменик-советник за национална безбедност, Ник Кацарас.
Покрај развојот на билатералната соработка и продлабочувањето на традиционалните партнерски односи меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство кои оваа година одбележуваат јубилеј – три децении од воспоставувањето дипломатски односи, централно место во разговорите се очекува да имаат и темите околу нарушената безбедносна архитектура на Европа и последиците од војната во Украина, соработката како сојузници во НАТО, пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ и британската проектна поддршка, како и актуелните состојби и предизвици околу претседавањето со ОБСЕ.
Во вториот дел од престојот во Лондон, министерот Османи ќе учествува на Конференцијата за закрепнување на Украина по упатена покана од страна на британскиот државен секретар Џејмс Клеверли и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитри Кулеба кои се ко-организатори. Во пресрет на Конференцијата, министерот Османи ќе присуствува и на приемот за шефовите на делегации во палатата Сент Џејмс каде ќе биде присутен и Неговото Величество Кралот Чарлс Трети.