Османи: Отворањето клубови во двете земји, на ваков начин, не е во корист ниту на македонската, ниту на бугарската заедница

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска на брифинг со новинарите во Скопје потврди дека нема да оди на отворањето на клубот на македонската заедница во Благоевград в недела, бидејќи смета дека ниту тој клуб, ниту пак бугарските што се отвораат тука, им одат во корист на македонската заедница во Бугарија или на бугарската заедница во земјава.

Тој смета дека отворањето на клубовите во Охрид и Битола како и на клубот во Благоевград, не е во функција на добрососедските односи. Додаде дека ова негово мислење, било поткрепено и со податокот, кој го финансира клубот во Благоевград и дека тој факт го доведува до заклучок дека процесот не може да биде во функција на промовирање на македонската заедница и на интересите на граѓаните Македонци таму.

-Кога дознав кој го финансира клубот ми беше јасно. Тоа е фондација од Канада, која има и своја веб-страница и ако ги гледате позициите кон државата, кон стратешките интереси, ќе видите дека не е во функција и не очекувам дека ќе биде во функција на граѓаните и на односите меѓу двете земји. Фактот што финансиер на тој клуб е тоа здружение, за мене е доволен дека оваа иницијатива нема добра намера, рече Османи.

Шефот на дипломатијата смета дека не смее да се дозволи некој да ја киднапира агендата заради политички, партиски интереси и напомена дека отворањето на вакви клубови во двете земји, можеби моментални ќе задоволни некакви чувстува, но според него не е долгорочно решение.

На забелешката дека бугарските клубови со контроверзни имиња, беа поддржани од официјални претставници на бугарските власти, Османи одговори дека доколку земјава немала разлики со Бугарија, немало да има ниту процес и додаде дека очекува еден ден да бидат надминати сите разлики.

-Да се вратиме на еден нормален колосек во духот на пријателството.  Камен темелникот за железницата со Софија многу повеќе ќе придонесе за Македонците во Бугарија и за Бугарите во Северна Македонија, отколку овој натпревар на клубови кој не ја зема предвид сензитивноста на моментот и нема добра намера, рече Османи.

Најави дека наредните денови или недели ќе замине за Софија, со цел да се договарат со надлежните таму да се интензивира работата на работните групи и да се наметне конструктивна агенда. Нагласи и дека покрај сите проблеми, прв пат со Бугарија е постигната трговска размена од над една милијарда евра.