Османи: Остваривме напредок во сите посочени области од страна на Европскиот Совет

Германскиот Бундестаг за една недела ќе даде зелено светло за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на денешната средба во Берлин со државниот министер за Европа и претставник на Германија во ЕУ, Михаел Рот, добил потврда дека германската Влада во целост ги поддржува европските интеграции на Северна Македонија и дека цврсто ќе застане за време на сесијата на Бундестагот во одбрана на позициите за старт на пристапните преговори во октомври.

– Доаѓам на само една недела пред седницата на Бундестагот кога ќе се отвори точката за поддршка на европските интеграции на Република Северна Македонија, да ја пренесам благодарноста на Владата за вашите несебични напори да ѝ обезбедите на мојата земја зелено светло за старт на преговорите, истакна Османи на средбата, изразувајќи и лична благодарност до Рот, за неговиот пријателски однос и личен придонес во успехот на европските интеграции на земјава.

Османи реферираше и за последните актуелности во земјава, нагласувајќи дека Владата е истрајна и посветена во отстранувањето на сите формални и неформални забелешки кои можат да претставуваат предизвик за одлуката во октомври.

– Остваривме напредок во сите посочени области од страна на Европскиот Совет, и во континуитет остваруваме солиден „трек-рекорд“, успешна имплементација на донесените реформи“, истакна Османи.

Од Берлин, Османи патува за Варшава, каде што ќе има средба со државниот секретар за европски прашања при Министерството за надворешни работи на Полска, Конрад Шимански, а ќе разговара и со шефот на полската дипломатија Јацек Чапутович.

Посетите на Берлин и Варшава се дел од европската турнеја на вицепремиерот Османи низ европските метрополи, а во пресрет на октомвриските состаноци на Советот на ЕУ, соопштуваат од СЕП.