Министерот за надворешни работи Бујар Oсмани се согласува со ставот што утрово, како што рече, го прочитал и според кој најдобриот начин да му се оддаде почит на Гоце Делчев е да се изгради автопатот Скопје-Софија, кој би го носел името на револуционерот.
-Навистина сметам дека политиката и политичарите можат само да им пречат во обидот на историчарите и научниците да ги осветлат овие прашања кои се товар меѓу двете држави – рече Османи, како што пренесе Плусинфо.
Во однос на тоа дали знаеле за бугарскиот меморандум, шефот на дипломатијата истакна дека како земја-кандидат ние не сме дел од официјалниот ланец на коресподенција меѓу земјите-членки, кои комуницираат на секојдневна основа по различни форми, со цел споделување на ставови, но и во обид да се вршат влијанија за донесување одредени одлуки.
-Нашата должност е преку секојдневните комуникации да ги осознаеме информациите, особено оние кои се однесуваат на нас. Целта на Договорот беше токму тоа да се воведе ред во овој хаос на комуницирање,кој беше во изминатите децении во однос на разликите меѓу двете земји, да се воведе рамка со која ќе се создадат две траектории, кои досега беа вкрстени и негативно влијаеја една на друга – појасни Османи.