Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи, во рамките на официјалната посета на Црна Гора, оствари средба со црногорскиот хомолог Ѓорѓе Радуловиќ
На средбата беа реафирмирани традиционални и пријателски односи меѓу двете земји, а беше нагласена и подготвеноста да се изнајдат конкретни форми за збогатување на секторската соработка, особено во реалниот сектор – економијата, размената, туризмот итн.
– Секогаш е убаво да се биде меѓу пријатели, во посета на пријателска земја, а Северна Македонија и Црна Гора се добар пример за тоа. Денешната посета на Црна Гора ја сметам за важна, како за нашите билатерални односи, за кои исто така сметам дека се одлични, така и за целиот регион, кој сѐ уште е обременет со сериозни предизвици, особено за неговата европска иднина – истакна Османи, упатувајќи благодарност до колегата Радуловиќ за пријатното гостопримство на неговата прва посета на Подгорица.
Покрај билатералните односи, на средбата беа отворени и темите за соработката во рамките на НАТО сојузништвото, како и заокружувањето на европската перспектива на двете земји.
– Процесот на проширување на ЕУ, или да се изразам попрецизно – заокружување или обединување на континентот во еден сојуз – нема алтернатива. Кога се работи за членството на земјите од Западниот Балкан во ЕУ не се поставува прашањето дали, туку како и кога! – истакна Османи.
Посетата на министерот Османи во Подгорица, продолжува со негови средби со претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, претседателот на црногорскиот парламент Алекса Бечиќ, премиерот Здравко Кривокапиќ и потпретседателот на Владата Дритан Абазовиќ.