Османи: Вчера го информиравме НАТО за дојавите за поставени бомби

Денеска нови дојави за бомби стигнаа на мејловите на повеќе објекти во земјава, главно лоцирани во Скопје. Дојава за поставен експлозив денеска доби и хотелот „Александар палас“ во Скопје каде што во 10 часот требаше да започне годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија, на која беше предвидено да се појави и премиерот Димитар Ковачевски кој требаше да има воведно обраќање
Министерот за надворешни работи Бујар Османи во изјава за ТВ 21 соопшти дека веќе ги информирале структурите на НАТО за континуираните дојави за поставени бомби во земјава.

„Вчера комунициравме со структурите на НАТО, да видиме каков хибриден пристап кон регионот може да се случи, која може да биде причината“, рече Османи.

Министерот додаде дека дојавите за бомби во земјава се дел од хибридни закани што се случуваат и во земјите во регионот што, како што рече, било доволна причина за алармирање на НАТО.

Нова серија дојави за бомби денеска стигна до повеќе објекти во земјава, главно лоцирани во Скопје.

Дојави за поставени бомби стигнаа до Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Меѓународниот аеродром „Скопје“, Трговскиот центар „Ист гејт мол“, хотелот „Мериот“, спортската сала „Борис Трајковски“, Националната арена „Тодор Проески“, како и 15 училишта од кои 10 во Скопје и пет во Битола.

 

Дојава за поставена бомба денеска доби и хотелот „Александар палас“ каде што во 10 часот требаше да започне годишната конференција на Стопанската комора на Северна Македонија, на која беше предвидено да се појави и премиерот Димитар Ковачевски кој требаше да има воведно обраќање.