Османи вели дека не слушнал за националистичките пораки на стадионот во Чаир

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска изјави дека не ги видел националистичките пораки на стадионот во Чаир кои ги истакнаа навивачите на домашниот тим на мечот од првата македонска фудбалска лига меѓу Шкупи и Вардар.

„Не сум ги слушнал тие пораки. Секоја изјава која што предизвикува етничка нетолеранција е спротивна на законот“ – кратко одговори Османи.

Навивачите на екипита Шкупи на синоќешниот фудбалски дерби натпревар на стадионот во скопската населба Чаир истакнаа провокативни пароли со националистичка и екстремистичка содржина.

„Ќе го исполниме историскиот аманет Скопје да биде срцето на Албанија“ – се вели на една од паролите.

Според присутни на натпреварот имало и пароли и извици со кои се величаат убијците на младото момче Никола Саздовски – Саздо, што е уште потешка форма на говор на омраза.

Засега нема никаква официјална реакција на овие националистички испади ниту од ФФМ ниту од МВР.