Министерот за надворешни работи Бујар Османи соопшти дека има факти и информации во врска со настаните во Бањска во Косово на 24 септември минатата година и нив ќе ги презентира на затворена седница на Владата со цел, како што рече, да се преиспита и да се одлучи дали државава и натаму треба да остане во иницијативата „Отворен Балкан“ во која е заедно со Албанија и Србија.
По инцидентот во Бањска тој не учествувал на настан на „Отворен Балкан“, но, сепак, рече, Владата ќе ја донесе одлуката за натамошно учество на Северна Македонија во иницијативата која, рече, имала благородни цели.
„Кога се случи нападот во Бањска во Косово имав изјава дека ова оди спротивно на основната идеја за иницијативата – дека е за помирување. И реков – ако има директна вмешаност на Белград во Бањска, тогаш навистина треба да се преиспита бидејќи ги крши столбовите на основната идеја. Бидејќи сега имам повеќе информации што се случило во Бањска, планирам на затворена седница да ја информирам Владата, а Владата ќе одлучи како ќе постапи понатаму“, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за коспонзорирањето на резолуцијата на ОН за сеќавање на геноцидот во Сребреница.
Според него, иницијативата Отворен Балкан не е целосна зашто ги нема сите шест земји на западниот Балкан, туку, рече, е иницијатива во обид која, на идеја на премиерот на Албанија Еди Рама, имала две цели.
„Таа имаше две цели – помирување за создавање предуслови за затворање на косовско-српскиот спор и за меѓусебно признавање и либерализација на пазарот зашто беше проценето дека 80 отсто од времето камионите на Балканот го поминуваат на граничните премини, а 20 проценти на патот кон нивната дестинација. Се разбира, тоа беа благородни цели во кои ние учествувавме. Но тоа е иницијатива во обид бидејќи додека ги нема шесте земји не е комплетирана иницијатива“, рече Османи.